Корекцијата на границите на Балканот, па и оние на Косово, би придонела за траен мир на Балканот, смета поранешниот британски дипломат и амбасадор во некогашна Југославија, сер Ајвор Робертс, пренесува „Макфакс“.
Сер Робертс предлага да се одржи нов Берлински конгрес, во последната реченица од својата книга „Разговори со Милошевиќ“, која е промовирана на саемот на книги во Белград.
Тој за српската медиумска куќа Б92 изнесе личен став дека „инсистирањето на непроменливост на границите е апсурдно“.
„Тоа тврдење го имавме постојано во врска со Југославија. На пример, по бомбардирањето на НАТО, советот за безбедност усвои резолуција за територијален интегритет на Југославија, но подоцна се одделија Србија и Црна Гора, а потоа и Косово“, вели Робертс.
Според него, апсурдни се и инсистирањата дека некоја држава со нерешено територијално прашање не може да влезе во Европската унија.
„Тогаш Велика Британија би морала веднаш да излезе од Унијата, бидејќи има територијални спорови со три земји“, рече Робертс.
Тој наведува дека наместо да се водат расправи за тоа дали е добро или лошо да се менуваат границите, би требало да се води сметка за интересот на граѓаните.
„Постои изрека дека добрите огради се важни за добрите односи меѓу соседите. Но, доколку луѓето не се во состојба да живеат во мир и толеранција, а инцидентите на косово покажуваат дека состојбата не е добра, тогаш можеби е подобро да се редефинираат некои од границите“, истакна Робертс.
извор:„Макфакс“