Ракометарите на Струга од следната сезона ќе се натпреваруваат во Супер лигата, откако го совладаа Металург 2 (32-24) во бараж натпреварот кој синоќа се одигра во спортската сала „Јасмин“ во Кавадарци.

Во текот на првото полувреме резултатот во неколку наврати беше изедначен, сепак Струга беше таа која го диктираше темпото. На полувреме се замина со резултат 14-11, а во второто полувреме стружани не дозволија во ниту еден момент Металург 2 посериозно да се доближи, за во последните 10 минути од средбата дополнително да се зголеми разликата за конечни 32-24.

Младеновиќ со 6 голови беше најпрецизен во победничкиот тим, а 5 голови додаде Смилевски. Кај Металург 2, Тренчевски беше реализатор на 10 погодоци, Башевски постигна 7, а Кузманоски 6.

Победата и пласман во Супер лигата струшките ракометари го прославија со навивачите кои отпатуваа во Кавадарци. После период од четири години повторно љубителите на ракометот ќе имаат можност да уживаат во „езерското“ дерби кое ќе се одигра во кремот на македонскиот ракомет. 

OhridNews