Ракометниот клуб Охрид со собир во спортската арена „Билјанини Извори“ стартуваше со подготовките за новата вкупно четвртата сезона во ракометната Супер лига.
„Гладијаторите“ моторите ги запалија со стариот тренер Горан Андоновски и со седум нови ракометни имиња меѓу кои Бобан Блажески, Јовица Младеновски, Дарко Јанев, Бојан Спасoски, Александар Стојаноски и интернационалците Марко Кобетиќ и Лазар Адамовиќ.
– Пресреќен сум јас, а секако и сите љубители на ракометот во Охрид што повторно ќе имаат можност да гледаат елитен ракомет. Јас по долги и конструктивни разговори со управата одлучив да се вратам во клубот и заедно да продолжиме онаму каде што застанавме минатата сезона. Доцниме во однос на останатите екипи со почеток на подготовките, но ќе надохнадиме со посилно темпо во текот на тренинзите. Квалитативно некаде сме на исто рамниште од минатата година, а со борбена игра ќе го надополниме секој наш недостаток. Супер лигата и годинава ќе биде силна како и минатата и пред сите ветувам дека одново во Охрид ќе се гледаат мечеви со возбудлива завршница. – рече тренерот Горан Андоновски.
Клубот после историскиот успех минатата сезона помина низ играчки ремонт. Од екипата заминаа Кирил Колев, Иван Тасески, Дарко Павловиќ, Елдин Вражалица, Горан Печенковски, Иван Стојановиќ, Џалил Мачу и Малик Хогас, а доведени беа нови имиња кои допрва треба да се воигруваат во мозаикот од Андоновски.
– Многу ми е жал што замина нашиот охридскиот бисер Иван Тасески, а исто така и Кирил Колев кој беше столб на нашите успеси минатата сезона. Јас како тренер и управата му понудивме нов и побогат договор на Тасески, но очигледно Пелистер излезе со поголема понуда, а сигурно пресуди и играњето во Европа. Елдин Вражалица и Дарко Павловиќ имаа валидни договори со нашиот клуб уште година дена, меѓутоа после една сезона нивните цели пораснаа многу и не сакавме да држиме незадоволни ракометари во составот. Нашата тендиција беше да доведеме ракометари со македонско потекло, а тоа и го остваривме. За разлика од минатата сезона имаме само три странци од кој еден е “староседелецот” Јосип Кежиќ, а мислам дека останатите двајца брзо ќе се акомодираат во нашите редови. – истакна Андоновски.
Охридскиот суперлигаш тивко и без многу помпезност се екипираше и ги започна подготовките кои ќе се одвиваат во „Билјанини Извори“.
– Клубот прв пат излегува со свој став од крајот на минатата натпреварувачка сезона. Иако по медиумите се шпекулираше со многу заминувања, егзодуси па и дебакли. Значи, нормално е една екипа која релативно е млада во елитното ракометно друштво да созрева играчки и организациски. Минатата сезона ние ги надминавме нашите очекувања, но увидовме некои слабости и кај нас и кај клубот. Во новата сезона ќе ги надминиме сите пропусти и ќе атакуваме на уште поголем успеси од минатата година. Неколку клучни играчи во минатогодишните успеси ни заминаа. Неможевме, а и несакавме да се залетуваме и рамниме со финансиските средства кои ги имаат на располагање Пелистер и Работник и останатите екипи кои се засилуваат во Супер лигата. Буџетот на клубот го проектираме според можностите, а и годинава главен и доминантен спонзор на клубот е Општина Охрид. – изјави спортскиот директор Ѓоко Апостолов.
Како што информираа од клубот покрај во сениорска конкуренција свои екипи преставници ќе има во кадетската и пионерската лига.
Мх.П.