Охридскиот спортски бисер ракометниот клуб Охрид на собранието одржано во Општината Охрид избра ново раководство, управен и надзорен одбор и делагати во собранието.


За претседател на собранието и извршниот одбор е избран секретарот на Општината Охрид, Димитар Спасески. Тој по изборота рече – Им благодарам на делегатите во собранието за довербата која ми ја дадоа. Јас ќе се потрудам да продолжам со ентузијзмот кој го имаа претходниците во овој клуб и ова што е сега е нивна заслуга. Ние како Општина и градоначалникот Никола Бакрачески веднаш застанавме зад оваа идеја да го поддржиме Охрид во Супер лигата. Со помош од бизнис заедницата успеавме и ракометот во Охрид и публиката го доби тоа што го заслужуваше  – елитен ракомет.


Свое емотивно излегување пред присутните на собранието имаше досегашниот претседател Атанас Поп Стефанија, кој помогнат од неколку ентузијасти го вратија ракометот на охридската спортска сцена. По преземањето на клубот од Општината неминовни беа промени во раководните структури во охридскиот суперлигаш.


– Моето повлекување не е воопшто лесно. Кога нешто ќе изградиш од нула,  не можеш лесно, неподготвен, да го препуштиш на други. Без размислување го прифативме тоа како единствен начин за подобра иднина на клубот и на ракометот во Охрид. Го отстапуваме она што го направивме затоа што во вакви околности тоа е максимумот што ние можеме да го направиме. Се надевам дека новата управа искрено и со срце, а не од интереси ќе го помогнат развојот на ракометот во Охрид, зошто само доколку клубот се води со искрена волја  може да сметаме на остварување на долгорочни планови. Голема благодарност до сите вас за довербата која ми ја пруживте, благодарност до сите ракометари во клубот, благодарност и до нашата публика и до верните „Рибари“, заедно го создадовме најважното, создадовме успешна охридска приказна и сакаме така и да остане, успешна и охридска! – рече Поп Стефанија.


Покрај изборот на членовите на управниот, надзорниот и извршниот одбор на собранието беше објавено дека започната е постапка за трансформација во Акционерско друштво.

Мх.П.