Охридскиот суперлигаш во овој преоден рок може да направи бум на трансфер пазарот ако во своите редови успее да ги доведе ракометарите на Металург кои се дел и од македонската репрезентација.
Сите ракометари немаат никакви обврски кон клубот од Автокоманда, а Ракометниот клуб Охрид ги отвора вратите за сите нив.
– Имаме некои основни, прелиминарни разговори со ракометарите од Металург, особено со ракометарите кои потекнуваат од Струга. Преговаравме со сите до еден, но најважно е дали тие ќе решат да продолжат во странство или ќе решат да останат некој период во Македонија. Вратите на нашиот клуб се отворени, секако дека имиња од тој калибар за РК Охрид многу би значеле, но во моментов нема ништо конкретно освен првичен разговор во кој ние ги поканивме да дојдат во РК Охрид, одлуката останува на нив – рече првиот човек на клубот, Димитар Спасески за „Спортмедиа“.
Слободни на трансфер пазарот се браќата Никола и Велко Маркоски, Ацо Јоноски, Гоце Георгиевски и Ванчо Димовски кои би преставувале огромно засилување за „гладијаторите“.
– Тие ако го изберат Охрид првично ќе го изберат поради локалпатриотизам, така што и преговорите околу другите услови ќе се движат во рамките на тој локалпатриотизам. Тоа е нашата главна предност, затоа што во Струга тие имаат пријатели, роднини, долго време се излезени од градот и според кажувањата на луѓето би сакале да се вратат и да поминат некое време тука. Во однос на средства, јасно е дека овде не можат да ги очекуваат платите кои ги земаа во Металург, или понудите коишто ги добиваат од странство. Ако решат да останат во Македонија ќе дојдат во Охрид, а ако парите се пресудни, тогаш верувам дека ќе заминат во странство – дополни Спасески.
Од сезона во сезона апетите растат на охридскиот клуб, а сезонава се борат за пласман во плејофот во Супер лигата.
– Желба секако дека постои за СЕХА, но сметам дека во моментов се многу минимални изгледите за да се случи такво нешто. Ние би биле пресреќни ако се пласираме во плејофот. Сѐ друго е една убава желба, која што нормално дека овој клуб и овој град посакуваат да се оствари, ние сме подготвени на тоа посветено да работиме. Не верувам дека сите играчи би се решиле да дојдат во Охрид. Меѓутоа кој и да дојде би било огромно засилување за Охрид, ако пак се случи сите да дојдат тоа би било веќе сериозен проект – заврши Спасески.
Охридскиот клуб се наоѓа на седмата позиција на табелата со четири бодови заостанување зад четвртопласираниот Радовиш.
Ohridnews