Не по своја вина, туку поради катастрофалниот критериум и распоредување на средствата на ваучерот од страна на Агенцијата за млади и спорт (АМС), Ракометниот клуб Охрид е еден од најголемите губитници, односно директно оштетен од институциите, кои треба да бидат ветар во грб на успешните клубови.
Ракометниот клуб Охрид во целина во 2020 година на спортски план имаше повеќе од успешна сезона. Сениорскиот колектив регуларниот дел од Супер лигата го заврши на втората позиција со подобар меѓусебен скор со првопласираниот Металург. Охриѓани во младинската категорија имаа максимален ефект, додека кадетите имаа само еден пораз во сезоната, која се прекина поради пандемијата на коронавирусот.
Сезонава, „гладијаторите“ испишаа историја, победувајќи на сите дванаесет натпревари од регуларниот дел во Супер лигата. И наместо управата, тренерот и играчите да бидат наградени за успехот, тие се „казнети“ со катастрофалното распоредување на ваучерот.
РК Охрид од АМС доби ваучер од 6 100 000 денари, што не е ниту во топ пет екипи од ракометните клубови во нашата земја. За „гладијаторите“ ваквото распределување на ваучерот е голем удар, бидејќи целите се големи, а не ја добија поддршката од АМС.
Помеѓу ракометните клубови најголем ваучер доби Вардар (19 милиони денари), а Металург и Еурофарм Пелистер добија (17 500 000 денари). Потоа следуваат Пролет со 10 милиони, Бутел Скопје со 8 500 000 денари, Еурофарм Пелистер 2 со 6 300 000 денари.
Комплетните листи на добитниците на ваучерите во можете да ги погледнете тука.
Мх.П.