Ракометниот клуб Охрид ќе учествува на 45-то издание на меѓународниот ракометен турнир во Струга, откако одговори позитивно на понудата од организациониот одбор кој ја испрати во писмена форма минатата недела.


Успесите на „гладијаторите“ последниве неколку години во Супер лигата и Купот на Македонија и желбата на организаторите за добар и квалитетен турнир се совпаднаа и прв пат во поновата историја Охрид ќе има свој преставник од 12 до 15 август на теренот „Женска плажа“.

– Многу ми е драго и задоволство што после долги години Охрид ќе има свој преставник на меѓународниот ракометен турнир во Струга. Причината за која ракометниот клуб Охрид е поканет годинава, а не минатите години не е некој ривалитет од два соседни градови туку тежнеевме да ги носиме најдобрите екипи од Македонија, а тие беа Вардар и Металург. Вардар годинава ќе организира сам турнир на кој ќе учествува Металург, а Охрид во регуларниот дел од сезоната во Супер лигата заврши на првата позиција и нам ни беше обврска да го поканиме. – изјави за Ohrid News првиот човек на турнирот, Сашо Србиноски.


Поканата за учество втора година по ред ја прифати и Еурофарм Работник, а во најбрз можен рок организациониот одбор ќе ги обелодени сите учесници на 45-то издание кое ќе биде збогатено со настапот на ракометниот клуб Охрид.

Мх.П.