Ракометниот клуб Охрид пред почетокот на пролетната полусезона почна да ја крои екипата за следната сезона потпишувајќи договори со четири играчи. Верноста со охридските бели ја продолжија хрватските интернационалци Јосип Кежиќ и Марко Кобетиќ, десното крило Бобан Блажески и голманот Александар Стојановски.

Новиот претседал на РК Охрид, Љупчо Танески изрази задоволство од продолжувањето на договорите со четирите играчи. – Пред официјално да ја продолжиме соработката со играчите отворено поразговаравме за се во клубот и во најбрз можен рок ќе ги удоволиме нивните потреби. Многу ми е мило што најдовме заеднички јазик со четирите играчи, а договор понуден им е и на останатите ракометари кои сега се дел од клубот.

РК Охрид стипендираше осум младинци кои под палката на Наум Бабачев се натпреваруваат во пионерската и младинската лига, а повремено се дел и од сениорската екипа. Договор за четиригодишно стипендирање потпишаа Наум Костов, Мартин Иваноски, Јован Трајкоски, Николче Ристески, Душко Тасески, Даниел Андоновски и Кристијан Димитриески.

– Целта по формирањето на младинските и пионерските екипи беше „хранење“ на сениороскиот состав токму од нашата база. Ова е токму таков чекор, бидејќи стипендираните играчи тренираат со првата екипа, а дел од нив имаат настапи за клубот во Супер лигата. Ние ќе бидеме комплетно задоволни кога стипендираните играчи еден ден ќе го водат овој клуб кон нови успеси. – порача Ѓоко Апостолов. 

Сениорскиот состав тренира напорно и се подготвува за почетокот на пролетната полусезона во Супер лигата кој е закажан на 4 март. 

Мх.П.