Ракометниот клуб Охрид ги подготви сите потребни документи и ги достави до европската куќа на ракометот (ЕХФ) за учество во Купот на ЕХФ. Охридските „гладијатори“ пласман во второто по ранг натпреварување во Европа изборија минатата сезона во која завршија на третата позиција на табелата, веднаш позади Вардар и Металург.
– РК Охрид ќе се натпреварува во престижниот ЕХФ Куп што значи дека европски екипи од висок ранг кои што освоиле второ, трето или четврто место во нивните национални лиги ќе гостуваат во нашиот град, што претставува мотив плус за нас за уште подобра организација за следната натпреварувачка сезона. – изјави првиот човек на клубот, Љупчо Танески.
Охридскиот клуб во европските предизвици ќе се впушти со зголемен буџет и двајца нови играчи кои веќе ги имаат парафирано договорите. Буџетот ќе се зголеми од 15% до 20%, додека новите ракометари се хрватскиот интернационалец Милан Клаиќ и Босанецот Дервиш Бирдахиќ. – Буџетотот за следната сезона е исполнет, а сите обврски према играчите и другите чинители во клубот се завршени. Знаеме дека главен финансиер во клубот е Општина Охрид, но многу спонзори ја помагаат екипата која најдобро го преставува својот град во Македонија, а од сезонава и пошироко.
Охридскиот клуб во текот на сезоната ги продолжи договорите речиси со сите играчи и со поголем ростер ќе ги пречека мечевите на струшкиот турнир, во Купот на ЕХФ и националниот шампионат. Ракометниот клуб Охрид новата сезона во Супер лигата ќе ја започне против Вардар Јуниор на домашен терен.
Прв клуб од Охрид кој настапи во натпреварување со европски карактер беше кошаркарскиот клуб Амак СП кој своевремено го освои Купо трофејот во Македонија.
OhridNews