Желбата им се исполни на поголем дел од ракометарите на Металург кои го посакуваа германски Кил за противник во 1/4 финалето. Пулените на хрватскиот стручњак Лино Червар првиот дуел го играат во Скопје.

– Мечот против Кил ќе биде уште еден ракометен спектакл. Добивме еден противник во фудбалски жаргон како Реал мадрид. Некои ракометари го посакуваа токму Кил, верувам дека имаа причина поради која го посакуваа тоа. Сеедно се работи за едно големо име, а Металург   сезонава покажа дека и големите имиња можат да загубат во Скопје. Се надевам оти таа низа ќе продолжи и после Барселона, ПСЖ ќе падне и Кил. Не посакував македонска пресметка во оваа фаза, но секако дека нема да имам ништо против да играме во полуфуиналето на фајн фор – истакна Зоран Цветаноски преставник на Металург на ждребката во Виена.

Од таборот на германскиот ракометен гигант се многу претпазливи пред двомечот со Металург и имаат само пофални зборови за атмосферата во „Борис Трајковски“.

– Се радувам на мечевите против Металург и не очекува тешка задача, поготово во Скопје. Каде атмосферата е прекрасна и величествена. Ние имаме за цел да бидеме меѓу најдобрите во Европа, но мора да одиме чекор по чекор – рече Сабине Холдорф Сус преставничката од Кил.

М.П.