Холивудската актерка Риз Витерспун ќе продуцира филм за животната приказна на Рут Хендлер, жената која ја измисли најпопуларната кукла на светот, Барбиката. Според пишувањата на лондонските медиуми, филмот ќе биде заснован на книгата “Barbie and Ruth” на Робин Гербер која раскажува за искачувањето на Хендлер во светот на бизнисот.
Хендлер дошла на идеја да ја направи Барбиката гледајќи како нејзината ќерка Барбара си игра со кукли од хартија. Мислела дека нејзината кукла ќе им овозможи на девојчињата да ја развиваат фантазијата, но и дека ќе ја пополни дупката која постоела на пазарот. Барбиката прв пат била прикажана во 1959 година на саемот за играчки во Њујорк. Како и многу други успешни производи, и креацијата на Хендлер на почетокот била примена со резерва од странските големи компании, за набрзо потоа да предизвика огромен интерес, најпрво на американскиот, а веднаш потоа и на светскиот пазар.