Еден од ривалите на Ракометниот клуб Охрид за пласман во плејофот во Супер лигата, Пелистер западна во тешка финансиска криза. Играчите со сопштение до јавноста се изјаснаа за своите проблеми во клубот.
– Цела полусезона мака мачиме да составиме екипа, да направиме подготовки, да направиме тренинг како што доликува за една нормална екипа. Тренираме во услови кога температурата е минус, со искинати тренерки и со дресови стари по четири-пет години. Сето ова го правиме надевајќи се дека работите ќе тргнат на подобро, дека ќе почнеме да ги земаме заостанатите плати, едноставно дека клубот полека полека ќе почне да функционира.
Меѓутоа напротив, оваа полусезона имаме земено плата само за август и што е најтрагично за новогодишните и божиќните празници нѐ оставија со празни џебови…а имаме фамилии кои егзистираат од оваа работа затоа што сме професионалци.
Не сакаме да бараме виновници во никого, градските бизнисмени едноставно докажаа дека немаат слух за ракомет, а народот во Битола е гладен за силен Пелистер. Тоа го докажа и кога игравме меѓународен натпревар со Дукла од Прага, кога се собра 4.000 публика и салата грмеше 60 минути, а потоа една недела се зборуваше за натпреварот.
Меѓутоа едноставно нема излез од оваа криза и ние неколку играчи и тренери, коишто сме останати во клубот приморани сме да прекинеме со извршување на обврските сѐ додека не нѐ исплатат затоа што не можеме повеќе да се враќаме дома со празни џебови! – стои во соопштението на играчите.
Исто во ваква ситуација „зелено белите“ ја почнаа сезоната, но како што одминуваше времето битолскиот ракометен бисер се консолидираше.
По завршување на есенската полусезона одново истите проблеми го зафатија еден од најголемите ракометни клубови во Македонија.
Извор : Спортедмедиа.мк
Ohridnews