Најавите дека Борко Ристовски од наредната сезона ќе биде соиграч со Кире Лазаров во Барселона добија официјална потврда од каталонскиот клуб.
Изминатиот викенд, репрезентативниот голман на Македонија, престојувал во Барселона, каде договорил двегодишна соработка.
– Драги пријатели и фанови. Сакам да споделам најпрвин со вас дека во следните две сезони ќе бидам член на Барселона. Договорот го потпишав во текот на вчерашниот ден, после завршувањето на медицинските прегледи. Морам да кажам декаа е огромна чест и признание за мене како спортист, но и како Македонец повикот од Барселона. Сите оние работи во животот кој што ги испуштив поради мојата посветеност на ракометот, на крај се исплатеа. Моето заминување од РНЛ беше тешка одлука, но повик од гигант како Барселона не се одбива. Единствено жалам што мојот татко не е со мене, па заедно да се израдуваме на овој мој трансфер. Но верувам дека од некаде гледа и е горд на својот син. Ви благодарам за целата поддршка сите овие години, сигурно без вас немаше да стигнам до тука каде што сум сега. Благодарам и на сите позитивни критичари… заради сите вас бев подобар. Со ова сакам да ја затворам темата „Барселона“ и да останам фокусиран на успехот со мојот сегашен клуб РНЛ, со кој ни претстојат пеколни три месеци во борба за освојување на Бундеслигата и Купот на Германија. Уште еднаш ви благодарам на сите за поддршката. – напиша Ристовски на својот официјален фејсбук профил.
Ристовски, кој во моментов е голман на Бундеслигашот Рајн Некар Ловен, во Барселона ќе го замени ветеранот Даниел Шариќ, кој кариерата ќе ја продолжи во Катар.
OhridNews