Борко Ристовски е нов извршен директор на најтрофејниот македонскиот ракометен клуб Вардар, додека Стојанче Стоилов е назначен за помошник тренер и координатор на младинските категории.

За завршувањето на кариерите на Ристовски и Стоилов во ракометот како играчи беше соопштено на денешната прес-конференција на „црвено-црните“.

Борко Ристовски е наша ракометна легенда. Тој добива нова функција во раководната структура – извршен директор. За претседател на неизвршните директори е поставен Емил Угриновски. Иконата на Вардар, Стојанче Стоилов, ја завршува својата богата кариера и добива двојна функција, помошник тренер и координатор на младински категории, рече досегашниот претседател на клубот Михајло Михајловски.

На тренерското место во Вардар и во следната сезона ќе остане Владо Недановски и покрај неуспехот минатата сезона со освоеното трето место во домашниот шампионат.

Новиот извршен директор Ристовски, ги кажа првичните задачи со кои ќе се зафати по стапувањето на новата функција.

Да се биде на оваа функција во Вардар не е мала работа. Директор на најголемиот македонски клуб е чест, но и тежина и одговорност. Ќе се обидам со моите соработници да го вратиме Вардар таму каде што припаѓа. Моите контакти и пријателства ќе ги искористам да му помогнам на Вардар. Прва наша цел е да го стабилизираме клубот како на финансиски план така и на играчки кадар. Се надевам дека до почетокот на сезоната ќе бидеме подготвени, рече Ристовски.

Тој ги објави имињата на новите засилувања.

До овој момент имаме потпишано шест нови играчи. Станува збор за Стефан Петриќ, Марко Срдановиќ, Матија Николиќ, Јасухира и двајца младински португалски репрезентативци, Милтон Мело и Хансен Родригез.

Вардар го напуштија Дејан Манасков, Филип Талески, Куни Моралес, Дутра, додека покрај Ристовски кариерата ја заврши Стојаче Стоилов.

OhridNews

фото. РК Вардар