– Она што ме интересира е како можеше да се случи да патуваме на Медитеранските Игри без никаква цел. Би сакал некој да објасни која беше амбицијата при настапот на нашата репрезентација. Јас не велам дека не требаше да се оди таму, напротив, сметам дека тоа ќе претставува добро искуство за младите ракометари. Сепак, мора да се каже која беше поентата на нашиот настап. Според мене требаше да се постави од стручниот штаб една јасна цел, што се очекува од Македонија на ова натпреварување, дали бараме млади играчи, или одиме колку да се оди на море и да се сончаме. Не смее да се заборави, ние сме граделе нешто во последните години за да стигнеме онаму каде сме сега и не е убаво чувството кога македноската репрезентација ќе загуби 15 гола разлика од Италија. Стручниот штаб треба да се изјасни, односно да ја превземе одговорноста за серијата убедливи порази – за Екипа.мк рече Ристовски.
Ракометот во Македонија за кратко време од врвот кога „сениорите“ обезбедија пласман на ЕП во Данска го допре дното со неуспешната авантура на Медитеранските игри.
– Не може да има никаков изговор за пораз од Италија од 15 гола разлика, или пак кога ќе се загуби од Тунис со 16 погодоци разлика. Без оглед што оваа репрезентација беше видно подмладена, таа сепак патува како „А“ репрезентација и има за задача да го чува рејтингот на најдобрата селекција. Во овој случај, тој рејтинг беше урнат и секој треба да си сноси одговорност, членовите од стручниот штаб што ја водеа селекцијата, сите да се запрашаме зошто македонскиот национален тим во Турција делуваше така конфузно – смета Ристовски.
Комбинираниот состав, кој настапуваше на Медитеранските игри не е изговор за неуспехот според чуварот на мрежата.
– Од она што можев да го видам, владееше еден тотален хаос и неорганизираност во играта. Сигурно дека треба да се подразмисли која беше целта на поставеноста, на тактиката, на целата таа игра на нашата репрезентација. Ние на овие Медитерански Игри не видовме ниту еден нов играч што може да помогне на „А“ репрезентацијата. Најдобри на секој меч беа Филип Лазаров, Стоилов и Ојлевски, кои веќе имаат зад себе настапи во сениорската репрезентација, евентуално може да се спомне Жарко Пешевски како пикер за иднината и голманот Чаневски, но друг млад играч баш и не видовме, што според многумина требаше да биде целта на учеството на Македонија на ова натпреварување – заврши Ристовски.