Откако го комплетираше договорот со францускиот Кретеј чуварот на мрежата Борко Ристовски им се проклучи на останатите репрезентативци во Охрид на подготовките за бараж средбите со Грција.
– Уште пред заминувањето во Катар имав неколку понуди од Франција и Германија и знаев дека токму во овие две земји ќе ја продолжам кариерата. Во разговор со менаџерите и пред се моето семејство се одлучивме за Франција односно за тимот на Кретеј, кој е домаќин во Париз. Потпишав три годишен договор бидејќи ми се допадна нивниот проект. Тие се повратници во нивната Прва лига и од самиот почеток имаат големи планови, а за две сезони го гледаат нивниот тим во Лигата на Шампиони – рече Борко Ристовски.
Од времето поминато во Катар македонската единица носи само добро спомени.
– Катар е доста сериоза земја и не штеди за промоција на спортот. Секаде се градат спортски терени и сали. Се носат познати стручњаци да работат со помладите категории, а се инвестира во сите спортови без разлика дали е тоа фудбал, кошарка или ракомет – додаде „министерот“ за одбрана.
Ристовски ја презема улогата за фаворит на двомечот со Грција за пласман на Мундијалот во Катар и на страна ги става политичките игри меѓу двете земји.
– Сигурно е дека сме поквалитетни од нашиот противник. Ќе има притисок на двата бараж натпревари, но, не спортски и затоа мора во тие мечеви да влеземе со ладни глави. Се е во наши раце од нас се зависи. Ако ние одиграме според плановите на селекторот Ивица Обрван и како што ние знаеме ќе нема никакви дилеми околу пласманот на СП – заклучи Ристовски.
Мх.П.