Наградата „Браќа Миладиновци“ за 2008 година, која фестивалот Струшки вечери на поезијата ја доделува за најдобра поетска книга од македонски автор меѓу две фестивалски изданија ја доби стихозбирката „Среде“ на Ристо Лазаров.

Доделувањето на наградата  ќе биде на 47-те Струшки вечери на поезијата, на свеченост во Домот на браќата Миладиновци во Струга. Наградената книга преведена на англиски јазик ќе биде промовирана на наредното фестивалско издание. „Среде“ е завршен дел на неговата поетска трилогија во чиј состав се и  стихозбирките „Ненадејна“ и „Чехопек“.


Ристо Лазаров

Одлуката за доделување на оваа награда токму на Ристо Лазаров ја донесе тричлено жири, во состав  Санде Стојчевски, претседател, и Наташа Аврамовска и Џабир Ахмети, членови.  На конкурсот за наградата „Браќа Миладиновци“ пристигнале 21 ракопис. Покрај книгата на Лазаров, во најтесен избор била и стихозбирката „Мојот Пикасо“ од Виолета Танчева-Златева. Во образложението зошто престижната награда му е доделена на Ристо Лазаров, претседателот на жирито Санде Стојчевски рече:

„ Со оваа книга Лазаров го достигнува својот творечки зенит, збогатувајќи ја современата македонска литература со специфично и сложено лирско дело. Книгата „Среде“ е наградена поради спомнатите карактеристики, како и за уште голем број својства и квалитети што таа ги содржи, а кои сугурни сме ќе ги регистрира и ќе ги коментира книжевната критика“.

Струшките вечери на поезијата годинава ќе се одржат од 21 до 24 август. На фестивалот ќе учествуваат 82 поети од 52 земји во светот.

Јасминка Т. Момироска