Селекторот на А репрезентацијата Игор Ангеловски неделава ќе го соопшти списокот на фудбалери со кои Македонија ќе и се спротистави на Грузија во финалето од баражот за пласман на Европското првенство следната година.

На списокот од Ангеловски на би требало да има изненадувања и „црвено жолтите“ со сите расположливи средства ќе влезат во дуелот со Грузија.

Единствен проблем за сега е позитивниот исход на тестот за ковид -19 на дефанзивецот Кире Ристевски. Фудбалерот на Ујпешт се наоѓа во самоизолација. Тој во карантин ќе помине уште неколку денови, а дали ќе биде во комбинација за настап во мечот со Грузија ќе зависи од тестот кој ќе го направи на 10 ноември.

Добар развој на настаните имаше Елиф Елмас. Фудбалерот на Наполи го пропушти мечот со Косово поради вирусот ковид -19, но се опорави и започна да тренира со екипата. Исто така радува формата на Горан Пандев кој синоќа одигра цел меч во дербито помеѓу Џенова – Сампдорија.

Ангеловски првиот собир ќе го има на 9 ноември. На 11 ноември селекцијата патува во Тбисли, каде ден подоцна ќе го игра историскиот бараж натпревар за пласман на ЕП.

OhridNews