Охриѓанецот Ристе Маркоски во својот роден град ги средува впечатоците и импресиите од успешната полусезона со Пелистер во Првата лига и Купот на Македонија.
Битолските „зелено бели“ есенската полусезона во елитата ја завршија на третата позиција, додека во Купот на Македонија се пласираа во 1/2 финалето.
– Повеќе од успешна полусезона за сите нас во клубот. Трениравме напорно цело време, никогаш не се откажавме или пак попуштивме и заслужено сме на третата позиција и меѓу најдобрите четири во Купот. – рече за Ohrid News, Маркоски.
30-годишниот фудбалер и го трасираше полуфиналниот пат на својата екипа во Купот, откако погоди на реваншот со Силекс во Кратово. Пелистер, во првиот меч победи минимално 1-0, а во реваншот забележа нова победа 2-1, а охриѓанецот го отвори резултатот.
– Среќен сум за погодокот, но повеќе се израдував на пласманот понатаму. Ништо немаше да значи мојот погодок, ако екипата не се пласираше. Голот си го сметам како награда за мојот труд и желбата која не се намали кога бев повреден. Имав проблеми со лигаментите на рамото и бев надвор од терените месец дена. Со страшни болки тренирав со екипата, само што не играв, бидејќи можев да ја закомпликувам повредата. Се` си дојде на свое место, се вратив во тимот кога најмногу требаше и стигнавме до посакуваните резултати. – истакна Маркоски.
Поранешниот клуб на Маркоски, Брегалница е противник на битолчани во 1/2 финалето во Купот на Македонија. Пелистер имаше среќа во ждрепката и ги избегна Вардар и Шкендија кои меѓу себе ќе се борат за финалниот билет.
– Го добивме најпосакуваниот противник, но ништо не е готово, или пак решено предвреме. И тие гледаат шанса во Купот на Македонија како и ние, и двете екипи ќе дадеме се од себе за пласман во големото финале. – заврши Маркоски.
Тој месец дена ќе одмара во Охрид со најблиските, а потоа со остатокот од екипата ќе се подготвува за предизвиците во пролетниот дел од сезоната.
Михаил Постоловски