Младите се движечката сила, енергијата, истрајноста, желбата. Нашата цел е ние да останеме тука, а нашата мисија е да создадеме услови за никој повеќе да не размислува да го напушта родното огниште, ниту една мајка да не пролее солзи по своето чедо додека го испраќа од аеродромот, истакна на денешната прес конференција кандидатот за советник од СДСМ и коалицијата, Ристе Булоски. 

-Младите имаат потреба од вработувања, а ние ќе им ја дадеме нашата поддршка во тој процес. Дополнително даваме поддршка на развивањето на соработката помеѓу различни сектори со цел стекнување пракса пред вработување, особено за студентите.– рече Булоски. 


Ристе Булоски

Тој најави дека ќе биде воведена обврска за сите организации, институции или фирми кои добиле средства на општински конкурси, дека мора да ангажираат млади на волонтерска или приправничка пракса.

На тој начин овозможуваме младите да добијат значајно искуство пред да се изборат за своето прво вработување. Го подигнуваме нивото на транспарентност во однос на процесот на вработување, особено во јавниот сектор. Даваме поддршка на младинските проекти и изнаоѓање начини на финансирање на истите. Воедно на секој млад човек му помагаме во одредувањето на професионалната ориентација. – појасни Булоски.

Тој истакна дека ќе се создаваат услови за културни дружби на младите, а се предвидува и изградба на младински културен центар, место каде младите ќе растат, учат, напредуваат и разменуваат идеи.

-Креираме канцеларија за млади која ќе биде сервис на потребите на младите и ќе ги афирмира како значајна алка во општеството. Младите сакаат да спортуваат, затоа ги унапредуваме инфраструктурните услови наменети за поминување на слободното време на младите и занимавање со спорт. Организираме и „месец на спортот“ што ги отвора вратите на младите за бесплатно користење на просториите на спортските клубови додека трае месецот на спортот. По 15ти октомври создаваме живот за сите млади во Охрид. – рече Булоски.

OhridNews