Трите бодови од првата градска пресметка во Рим му припаднаa на Лацио, кој со убедливи 3-0 (2-0) ја декласираше Рома на празниот „Олимпико“, во рамките од 18-та рунда во „калчото“.
„Лацијалите“ до победата во 153-то дерби во Серија А стигнаа со паметна и пред се организирана игра во текот на целиот натпревар. „Небесно-сините“ од самиот почеток се повлекоа на сопствената половина, оставајќи му простор за игра на Рома. „Волчицата“ не умееше да креира шанси, а, после еден лошо изведен корнер, Лацио со молњевита контра преку Чиро Имобиле во 14-та минута го отвори резултатот. За втор погодок во мрежата на Рома не се чекаше многу. Луис Алберто во 23-та минута со одмерен удар го погоди спротивниот агол на „џалоросите“, кои повторно во одбрана реагираа катастрофално.
Рома заигра нешто подобро во второто полувреме, но Лацио со рецептот од првиот дел не дозволуваше премногу возбудувања пред својот гол. Во 67-та минута Луис Алберто со вториот погодок на мечот, а трет за Лацио ја отпиша Рома и донесе голем триумф за својата екипа.
Лацио со трите бодови од дербито се искачи на седмата позиција и се доближи на три бодови од Рома, која е третопласирана на табелата во Серија А.
OhridNews