Ова се препораките кои ги упатија шефот на секторот за политички прашања при Делегацијата на ЕУ, Робин Лидел, амбасадорот на Полска, Дариуш Бакура и Филип Рикер, амбасадорот на САД во однос на подобрување на состојбата за Македонија со цел да стане членка на ЕУ.
„Тотална реформа во администрацијата, во судството да се ангажираме за да ја подобриме неговата независност, дополнителна работа треба во борбата против корупцијата и како соодветно инвестирање во антикорупцијата“, рече Лидел на денешната дебатна сесија на тема „Македонија во 2011“ организирана од Европската бизнис асоцијација.
Тој истакна дека Македонија треба постојано да стреми да стане членка на ЕУ, но и да ги привлекува инвестициите да дојдат бидејќи како што рече „луѓето нема да ви дојдат на врата освен ако не ги повикате да дојдат, луѓето нема да дојдат ако не дадете се за да ги привлечете“.
„Мора да се направат реформи кои се однесуваат на администрацијата, судскиот систем, владеењето на правото, борба против корупцијата, слободата на изразување на медиумите“, истакна полскиот амбасадор.
Тој очекува дека Македонија во блиска иднина ќе стане членка на ЕУ и НАТО.
„Очекуваме дека главната пречка за Македонија да отвори пристапни преговори ќе биде решена брзо и потоа Македонија во блиска иднина ќе стане членка на ЕУ и НАТО“, рече Бакура.
Амбасадорот на САД и порача на Македонија што поскоро да започне со враќање на довербата во институциите, бидејќи тоа е добро и за домашните и за странските инвеститори.
„По изборите ова е вистинскиот момент да се затвори прашањето за името“, рече Рикер.
Македонскиот претставник на дебатната сесија, вицепремиерот Владимир Пешевски, додаде дека и понатаму за македонија главни политички насоки остануваат влезот во ЕУ и НАТО, имплементација на судските реформи, како и подобрување на бизнис опкружувањето и отворање на нови работни места.
извор:„Макфакс“