Ријана морала да го напушти комплексот на големата џамија во Абу Даби поради „неприкладно“ позирање пред фотографот. Поп пејачката која во саботата имаше концерт во Абу Даби, на Фејсбук постирала фотографии од дворот на големата џамија на која се гледа дека е облечена во црно, со црна марама на главата, но и со црвен кармин и нокти обоени во светло црвена нијанса.
Во известувањето од џамијата се вели дека Ријана е избркана од џамијата поради тоа што се наоѓала во делот во кој не е предвидено да има посетители и поради тоа што ги прекршила „статусот и светоста на џамијата“. Оваа џамија се смета за една од најголемите во светот и може да прими околу 40 илјади верници. Исто така важи за една од главните туристички атракции и е отворена за сите посетители, не само за верниците. Во просторијата за молитва во оваа џамија се наоѓа најголемиот рачно изработен тепих во светот.