Нема веќе лажирање натпревари и насилство на спортски терени во Македонија, барем ако се спроведува во целост новиот Кривичен закон, со измените и дополнувањата што се усвоени од Владата на Република Македонија. Предвидени се затворски казни и до десет години за лажирање спортски натпревари, како и многу построги казни за насилството на спортските терени.



„За превенција и санкционирање на насилството на спортските терени пропишавме нов облик во постојното кривично дело „насилство“ во кое предвидовме казна затвор од шест месеци до пет години за тој што друг малтретира, навредува, ја загрозува неговата сигурност или врши врз него грубо насилство поврзано со спортски натпревар и пред тоа, за време и по завршувањето на натпреварот“,
изјави портпаролот на владата, Александар Ѓорѓиев, на денешната прес – конференција.
 
Со измените и дополнувањата на Кривичниот закон, предвидена е казна затвор од три до десет години, односно од една до пет години доколку се предизвика тешка телесна повреда или смрт на некое лице, како и предизвикување тепачка, нереди и оштетување на имот од поголема вредност.
 
Владиниот портпарол информира и дека со казна затвор од една до десет години ќе се казнува лажиран спортски натпревар или наместен резултат на спортска игра.

„Во кривичното дело „неовластено примање подароци“ е пропишано дека организатор или учесник во спортски натпревар кој директно или индиректно ќе побара или ќе се согласи да прими за себе или за друг подарок или друга посредна или непосредна корист, ќе се казни со затвор од една до пет години“, истакна Ѓорѓиев.

“Екипа.мк“