Македонската опера и балет вечерва од 21 часот на Античкиот театар (21ч.) ќе ја изведе операта „Риголето“ од Џузепе Верди.
Диригент е Вања Николоски – Ѓумар, режија Нина Најденова, Бугарија, сценографијата е на Живојин Трајановиќ, а кореографијата на Саша Ефтимова и Киро Павлов. Во улогата на Риголето ќе настапи Нико Исаков од Бугарија.
Македонската Опера ја започнува својата историја со претставата на „Кавалерија Рустикана“ одржана во 1947 г. За децениите на своето постоење Македонската Опера изгради богат и разновиден репертоар – од Барок до современост, вклучувајќи ги оперските дела на македонските композитори. На нејзината сцена се претставиле бројни македонски вокални уметници, а зад диригентскиот пулт застанале еминентни диригенти. Значаен белег на музичкиот живот во државава претставува манифестацијата „Мајски оперски вечери“ која годинава се одржа по 35-ти пат.
Г.М.