Патролната служба на Езерската полиција при редовна контрола на Охридското Езеро, викендов пронашла 15 рибарски мрежи со уловена риба клен.Пронајдените рибарски мрежи со уловот се донесени во Полициската станица во Охрид на натамошно постапување, информираше МВР.

Рибокрадците не мируваат ниту од другата страна на Галичица. Во  водите на Преспанското Езеро,  при вршење на патролна служба, полицијата пронашла 7 рибарски мрежи со улов на риба – крап. Пронајдените рибарски мрежи со уловот се донесени во ПС за понатамошна постапка.


Запленето поголемо количество мрежи на Охридското и Преспанското Езеро

Ова не е прва акција на полицијата во која се запленуваат риболовни мрежи на Охридското Езеро. Во јануари беа уништени над 2000 запленети риболовни мрежи чија вкупна должина надминува 100 километри. И покрај тоа што неодамна се донесе новиот Закон за рибарство и аквакултура со кој се предвидуваат поостри санкции, рибокрадците и натаму немилосрдно го уништуваат рибниот фонд на Охридското Езеро. Според екологистите причина за тоа е бавното судствво кое според нив не ефектуирало ниту една пријава против рибокрадци.


Уништувањето на мрежите не помага

Во обид да ја засили контролата над Охридското Езеро Министерството за земјоделство формираше рибочуварска служба, а се најавува и софистицирана контрола над Езерто со видео надзор и радарски систем. Во меѓувреме на терен рибокрадците со несмален интензитет продолжуваат бесправно да ја ловат рибата од Охридското Езеро, која и покрај забраната  најчесто завршува во рестораните и рибарниците.

Г. Момироски