Охридското Езеро денеска се пориби со 300.000 парчиња подмладок Охридска пастрмка одгледан во мрестилиштето на Хидробиолошкиот завод во Охрид. Рибчињата се од првата генерација одгледувана од 17-ти јануари оваа година, со просечна тежина од 2,5-3 грама и должина од 7-8 сантиметри, информираше Зоран Спиркоски од Хидробиолошкиот завод.
– Таквиот подмладок е многу поживотно способен отколку тој што бил одгледуван и пуштан во водите на Охридското Езеро пред 15 години и порано.-истакна Спиркоски.
Тој рече дека има напредок во заштитата и обновувањето на рибниот фонд на пастрмка во Охридското Езеро, посочувајќи дека потребната икра за вештачкиот мрест за одгледување подмладок оваа година била обезбедена могу порано пред предвидениот рок.
На порибувањето на Охридското Езеро со пастрмка присуствуваше министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Михаил Цветков. Тој истакна дека концесионерот „Пастрмка 2012“ обезбедува заштита на рибниот фонд, а државата потребните финансиски средства за изведување на вештачки мрест и порибување.
-За таа намена оваа година државата издвои 7,5 милиони денари со кои треба да се одгледаат 2,4 милиони единки охридска пастрмка.-рече Цветков.
Запрашан какви се ефектите од мерките за заштита и порибување на охридската пастрмка, Цветков посочи дека Македонија презема низа активности во таа насока, но тоа не е доволно доколку и Албанија не го прави истото.
-Албанија се уште е многу зад Македонија во однос на ова прашање. Иако беше договорено формирање комисии кои заеднички ќе работат на заштита на рибниот фонд на пастрмка во Охридското Езеро до јануари 2015 година, тоа го направи само Македонија, а Албанија се уште нема формирано такво тело. Нема да застанеме тука, ќе работиме заедно со Албанија на ова прашање.-истакна министерот Цветков.
Ристе Танасоски од „Пастрмка 2012“, концесионер на Охридското Езеро, вели дека трета година по ред мрестот е поуспешен од претходната година. Тој појасни дека за да порасне охридската пастрмка еден килограм потребни и се 7 години, посочувајќи дека ефект од вештачкиот мрест може да има само доколку соодветно се штити рибниот фoнд.
-Ние ја наследивме состојбата со охридската пастрмка. Се надевам, а и сигурен сум дека со тоа што не ја ловиме пастрмката, како и со физичката заштита која ја обезбедуваме и вака успешен мрест, во наредните години ќе го зголемиме рибниот фонд не само на охридската пастрмка туку и на сите видови риба, со што покажуваме дека концесионерството на Охридското Езеро е успешна приказна.-изјави Танасоски.
Тој рече дека рибочуварските служби на „Пастрмка 2012“ секојдневно се во езерото и преземаат заеднички акции со полицијата и надлежното министерство.
-Значително го намаливме рибокрадството, сега имаме поединци против кои се поднесувани прекршочни и кривични пријави, а во 90 проценти од случаите се работи за едни исти луѓе кои вршат криволов.-додаде Танасоски.
OhridNews