Она што требаше да биде спектакл и врв на туристичката сезона во Охрид, се претвори во какафонија, и малтретирање на  многуилјадната публика на Спортско рекреативниот центар „Билјанини извори“ на која поради сериозни организациски пропусти и беше оневозможено да ужива во најавената програма. На растојание од само стотина метри синоќа настапија две големи музички имиња, белградскиот бенд „Рибја Чорба“ и вокалистите на „Бијело Дугме“: Ален, Бебек и Тифа. Откако љубителите на рокот мораа да изберат пред која бина ќе бидат, мораа да го издржат натпреварот во натпејување, кој на моменти ги надминуваше границите на добар вкус. Особено проблем имаше публиката на трибините од стадионот до која силно допираше музиката од Пиво фест, а дошле да го слушаат Дугме. Нешто подобро беше на тревата но само за оние кои беа директно пред звучниците. И обратно, посетителите на Пиво фест во одредени зони повеќе ја слушаа музиката на Бијело Дугме, отколку на Рибја Чорба и другите гости на фестивалот. Така публиката можеше да чуе чудни миксеви од рок и техно музика, што целосно го уништи впечатокот за вечерта која наместо спектакл беше големо разочарување за многумина.

На големите музички ѕвезди, Бора, Ален, Бебек Тифа, нема што да им се замери. Отсвиреа беспрекорно, со долги бисеви и многи енергија. Тие дојдоа и одраборија професионално, за разлика од организаторите на нивните настапи кои од нив познати причини ги сместија двата концерти во ист ден, на ист простор, но на различни сцени. Организаторите на Пиво фест уште претходно се оградија од случајот изјавувајќи дека нивниот настан бил најавен уште во декември 2009 година, додека организаторите на концертот на ѕвездите од Бијело Дугме официјално не се огласија. На прес конференцијата непосредно пред концертот, работата ја релативизираше искусниот Бебек, кој дипломатски објасни дека е голем настан за Охрид што два големи рокенерол бенда ќе свират еден покрај друг. Да, факт е дека Охрид беше почестен од можноста да види да два големи бенда од некогашната ју-сцена, но не заслужува тоа да биде на штета на илјадниците посетители кои не ја криеја разочараноста од лошата организација на концертите.

Друга е приказната е колку Охрид доби и загуби со синоќешната бламажа на Билјанини извори и дали луѓето кои им го изнајмија просторот на организаторите, јавното претпријатие, градот, одговорните за туризмот, сносат вина за сето тоа. Организаторите на концертите не случајно го одбраа Охрид за илинденските празници, затоа што тогаш нема утка, градот е преполн и се минува. Во само три дена, Охрид понуди настани колку што нема во текот на целата туристичка сезона, која за жал се сведува на еден продолжен викенд.

Револт има и кај охридските угостители, кои реагираат на организацијата на Пиво фестот во туристичкиот шпиц, со што според нив им се нанесува огромна штета. Со тоа велат тие, пропадна и последната можност да подзакрпат некоја дупка од слабата туристичка сезона.

А, што е со туристите и граѓаните на Охрид, кои деновиве ги вжештија телефоните во охридската полиција, каде се регистрирани рекорден број повици за нарушување на јавниот ред и мир? Бучавоста во Охрид не е повеќе проблем, станува секојдневие. До зори се слуша силна музика. Не е тоа инцидентно, заради некој концерт или тридневна манифестација, туку континуирано малтретирање од поединци кои себеси се ставаат над законот и на кои никој не им може ништо. Слично како и на тие кои и покрај забраната за градба градат во центарот на Охрид, како и на  чекачите на туристи кои ги бркаат гостите со велосипеди и мотори и.т.н.

Г. Момироски