ПО ”РИБАРСКИОТ АЛМАНАХ”

“Сиромашен рибар, клет роб, ќе дојде утре на брегот и ќе најде свиткани врби, искинати мрежи, искршени чунови. Тој гледа тажно во смиреното и тивко езеро, жал му е, но не умее да му се лути, веројатно затоа што се разбираат!”

Бранислав Нушиќ, “Покрај бреговите на Охридското Езеро”

Објавувањето на електронската верзија на охридскиот “Рибарски алманах” ги поттикна многу семејства од охридско-струшкиот регион да се присетат на минатото, на своите предци нивните предедовци, дедовци, татковци…

Рибарството е најстариот занает за опстанок на населението од овој регион, а посебно за жителите на крајбрежјето. Од стари историски документи се дознава дека во средината на 14 век српскиот цар Душан покажал интерес за рибарењето на Охридското Езеро, па некои ловишта времено ги подарил на манастирот “Трескавец” кај Прилеп, а покасно и на нашата црква “Богородица Перивлепта”. Од Езерото се ловеле големи количества риба. Трговци, “матрапаси”, ја носеле во другите околни градови, но и низ трговските центри на Европа, па и до Цариград. Во време на Османлиското владеење на Балканот ловиштата продолжиле да се даваат под закуп. Во прво време само Турци можеле да се закупци, а покасно и македонското население добило такво право. Во крајот на 19 век околу 80 семејства егзистирале од рибарскиот занает. За жителите на Пештани и Трпејца тоа било основно занимање, а се раскажува дека за грутка сол давале кошница со риби. Од ”Рибарскиот алманах” се дознава дека во периодот од 1934 до 1941 година рибарскиот занает обезбедувал основна егзистенција за околу 480 семејства од овие простори. Се ловело во текот на целата година. Пастрмка се ловела во зима, пролет и лето, додека летница во есен. Крап, клен и скобус се ловело во пролет, а грунец и плашица во доцна есен и зима.

Алманахот ги растрепери срцата на постарите жители, го привлече вниманието на помладите. Во многу домови се отворија старите “серѓени” и кофчежиња за да се најдат подзаборавените фотографии од минатото. Се нижат спомени поврзани со нашите рибари, со нивните животни судбини. Животот никогаш не им е лесен. Во борбата за егзистенција тие се постојано изложени на сериозни опасности: чести промена на временските прилики, ненадејни бури, ниски температури, промена на ветерот, огромни бранови…А, рибарите мора да се “најзеро”, во чунот, во кајчето, во борба со брановите, со невремето. Зад секој рибар стои целото семејство, да му помага во изработка и одржување на мрежите,”на спрострите”, при чистење на уловот, посебно на плашиците. Во минатото рибарите и нивните активности беа дел од нашето секојдневие. Добро се сеќавам како рибарите излегуваа со својот лов на брегот, во близина на Пристаништето: изморени, често сосема влажни од големите бранови, секогаш пратени од крикот на галебите, тие веднаш се упатуваа кон Рибарницата за да го предадат уловот. Ако имаа уловено пастрмки, стручно лице од Хидробиолошкиот Институт веднаш ја ”молзеше”икрата за да се користи за порибување.

Стефан Алче (1900-1983) е еден од лиценцираните рибари. Занаетот го наследил од својот татко Наум Алче (1877- 1933). Тие се дел од големото охридско семејство Пендови, односно Алчеви. Ќерката на Стефан и Царева Алчеви, учителката Милена Аиноска (1932-2013) по пензионирањето, изработи исцрпна генеза за ова семејство. Таа ми раскажуваше дека нејзиниот прадедо бил Александар Пендов. Тој извесен период работел во турската управа на градот и неговите претпоставени почнале накратко да го викаат Алче. Така целото семејство го добило ова презиме. Само најстариот син на Александар, Иван (Јонче) го задржал презимето Пендов. Синови на Александар биле и Ставре Алчев и Никола Алчев, а ќерки Зарина Лештарова, Фроса Каваева (мајка на Д-р Владимир Каваев), Ленка Размоска и Васе Димзова. Наум и Елисавета имале уште тројца синови Петар (_- 1930), Димитар (1906-1964) и Никола(1910-1938). Сите тројца биле видни кројачи, имале угледен дуќан во охридската чаршија,но болеста и прераната смрт не им дозволила целосно да се докажат во својата професија. Нивни чираци и калфи покасно беа одлични мајстори.

Наум Александар Алче ( дел од семејна фотографија од околу 1910 година)

Ќерка на Наум Алче беше мојата баба Лојза, мажена за Коста Карадимче, а снаа на попот Ахил Карадимчев. Таа често раскажуваше за тешкиот живот на рибарските семејства, за рибарските тајфи во кои се здружувале по неколку рибари за да можат поуспешно да ловат. Уловот го делеле спрема тоа кој колку средства за рибарење (мрежи, влакови, чунови) има вложено. Често раскажуваше: “Една вечер тропнаа на врата неколку турски заптии да го бараат татко ми Номче заради некаков “кабает “.Ние им рековме дека тој вечера. Си заминаа. По некое време пак се вратија и ние им кажавме дека уште јаде. Тоа се повтори уште еднаш.Тогаш прашаа“А што вечера?”.Им одговоривме кратко: “ Плашици!” На тоа заптиите рекоа: “ Куртули!”. И таа вечер веќе не дојдоа.За нив јадењето е света работа,а плашици се јадат долго и со задоволство.!”

И покрај тешкиот живот, неизвесноста и болестите, Наум Алче и неговите синови ја сакале староградската охридска музика. Номче Алче свирел на виолина и во еден период свирел со тајфата на Климе Садило. Алчеви најмногу ја сакале песната “Охрид, Охрид убав мил” за која имаат своја верзија за нејзиното создавање.

Тајфата на Климе Садило, Наум Алче е најстариот . Фотографијата е од 1931-1932г. (Оригиналот се наоѓа кај Васко Алче)

Објавувањето на охридскиот” Рибарски алманах” нека биде светол почеток за поорганизирано систематско прибирање, обработување и дигитализација на документи и фотографии од нашиот регион. Голема благодарност и почит до иницијаторот, поддржувачите и реализаторите на овој проект.

Виолета Карадимче Јанева

Ставовите и материјалите објавени во рубриката Писма-Колумни се на авторите и редакцијата на OhridNews не сноси одоговорност за содржината на истите