Фудбалерите на Охрид викендот без обврски во Втората македонска фудбалска лига-запад го искористија за тест средба со градскиот ривал Воска Спорт. „Рибарите“ го потврдија својот квалитет, победувајќи ја Воска со 3-0, полувреме (2-0).
Избраниците на Драган Бочески отпорот на лидерот во Третата македонска фудбалска југо-запад го скршија во првиот дел, постигнувајќи два погодоци. Резултатот го отвори Бурхан Алији, кој директно од корнер ја погоди мрежата на Воска Спорт. Водството го дуплираше Роберт Митев. „Рибарите“ победата ја заверија со нов гол во второто полувреме. Прецизен беше Аде Мазари.
Во двонеделната пауза Охрид одигра два контролни мечеви и во двата забележи победи. Претходно, охриѓани славеа против Беса Добридол, која исто така се натпреварува во Третата лига и има сериозни амбиции за влез еден ранг погоре.
Сезоната во Втората лига-запад продолжува следниот викенд. Охрид, на домашен терен го пречекува Кораб од Дебар.
OhridNews