Натпреварот против Сливнчки Херои, беше последната активност за охридските бели кои по мечот заминаа на годишен одмор. Лидерот на табелата во втората лига ќе одмара се’ до 10 јануари за кога е закажана првата прозивка во новата година. Допрва ќе се работи на трансфер пазарот, а нескриена желба на стручниот штаб е да го видат напаѓачот Гоце Толески во дресот на “рибарите“.
– Нема да има драстични промени во играчкиот кадар. Тимот што победува не се менува па така очекуваме само тројца , четворица играчи да го засилат нашиот ростер. Наша желба е на почетокот на новата година во тимот да се врати интернационалецот Гоце Толески, кој во Охрид одработи дел од летните подготовки. Постои расположение и кај него, а ние со него во составот ќе бидеме далеку поконкурентни. Имаме добар распоред во пролетниот дел и со добра работа во текот на подготовките на пролет ќе се радуваме на заедничкиот успех – велат од охридскиот клуб.
Толески и летоска се подготвуваше со охриѓани, но се одлучи да замине во Чешка во тимот на Млада Болеслав, каде помина 2 месеци одигра шест натпревари , а притоа постигна еден гол. Толески е слободен играч во моментов и не ја исклучува можноста да му помогне на матичниот клуб да избори влез во Првата лига.
М.П.
© Ohridnews.com. All rights reserved.
The content of this article, should not be printed, copied or published in any way, without permission by Ohridnews.com