Дваесетина рибари од Македонија и Бугарија се натпреваруваа
во дисциплината лов на риба на пливка кој се одржува како пропратна манифестација на Саемот за туризам кој започнува утре. Натпреварот е дел од Фестивалот на плашицата чиј завршен дел ќе се одржи во ноември во каналот Студенчишта.
– Каналот Студенчишта е единственото место на Балканот каде што може да се лови риба во овој период, а задоволни се и гостите кои кажуваат дека ловеле по два килограми риба годишно на други терени, а тука за три часа уловија по околу три килограми плашица, што значи дека треба да ги искористиме овие водени потенцијали, ни изјави Радован Димитриески од спортско-риболовниот клуб Св. Апостол Петар. Тој кажа дека уловената риба од натпреварот им е предадена на заинтересирани ресторани кои ќе подготват специјалитети од плашица кои ќе бидат изложени во рамки на Саемот за туризам.
Натпреварот ќе биде комплетиран утре со натпревар во подготвување чорба од риба, што ќе се одржи пред хотелот „Парк“. Дегустацијата на чорбата и специјалитети од плашица ќе биде дел од програма на отварањето на Саемот за туризам. Специјалитетите од плашица ќе бидат изложени и оценувани од стручно жири. Трите првопласирани чорби и сите специјалитети од плашица ќе бидат изложени во просторијата каде се одржува саемот, со сите други јадења од Македонската национална кујна.
фото : Емилио
Ohridnews
© Ohridnews.com. All rights reserved.
The content of this article, should not be printed, copied or published in any way, without permission by Ohridnews.com