Ракометната федерација на Македонија со парична казна во висина од 60 000 денари го казни Ракометниот клуб Охрид за инцидентот на дуелот во Прилеп против истоимената екипа, додека домаќинот за слаба организација и немање на редари и полиција помина без санкција.

За инцидентот, РФМ ги обвини охридските навивачи популарните „Рибари“ кои во Прилеп отпатуваа да го бодрат својот клуб. Навивачите на Охрид со прекумерна сила од полицијата беа остранети од салата по барање на судиската двојка Начевски и Николов. Еден од симпатизерите на Охрид заврши со расекотини на лицето и главата од силните удари на полицијата. „Рибарите“ излегоа и со официјално соопштение за инцидентот.
  • На ден (04.11.2018) организирано се упативме за Прилеп околу 70 души со 2 големи комбиња со закаснување поради проблеми со едното комбе, пристигнавме во дваесет и втората минута од натпреварот влеговме со песна за нашиот Охрид, но по кратко време натпреварот беше прекинат од страна на судијата Ѓорги Начевски. Дојде до инцидент кога еден наш член додека го местеше нашиот транспарент беше турнат од страна на судијата Начевски. По одиграниот натпревар во Прилеп, ние како навивачка група сме згрозени од „чуварите на редот” (полицијата) , прекумерното употребување на сила доведе до видливи телесни повреди на членови од НГ Рибари, еден наш член беше со видлива расекотина на главата, па заврши на хирургија. И кога мислевме дека проблемите завршија на нашето гостување, на пат за Охрид еднoто комбе се расипа, па имавме подолга дружба него предвиденото. – стои во соопштението од „Рибарите“.

Ракометниот клуб Охрид има осум денови да ја обжали по малку чудната одлука на РФМ.

OhridNews