РФМ ја легна топката и рече оти половично се исплатени премиите на ракометарите во висина од 15 000 евра и дека се работи на случајот за исплаќање на заостанатиот долг кон селекторот Ѕвонко Шундовски. Селекторот пред некој ден се закани со непатување на подготовски со селекцијата ако не се подмири долгот кон него.
– Таква опција воопшто не е можна. Шундовски ќе дојде во Скопје и ќе ја предводи репрезентацијата на Македонија на СП во Шпанија. Точно е дека Федерацијата им должи пари на репрезентативците за остварениот пласман на ЕП во Србија, но тие ќе им бидат исплатени до почетокот на СП. Така, 15.000 евра веќе им се исплатени, а остатокот од 15.000 евра ќе им биде исплатен до почетокот на СП – вели за “Нова Македонија“ генералниот секретар на РФМ, Марјан Начевски.
Македонската фаланга натпреварите од Светското првенство во Шпанија ги започнува на 11 јануари додека пред тоа репрезентативците ќе одиграат неколку контролни натпревари во Пореч, Хрватска и во Ниш, Србија.