Поради неплаќање кирија за просториите што ги користи Ракометната федерација на Македонија (РФМ) денеска извршители почнаа со иселување на инвентарот, но по кратко време процедурата беше стопирана со налог од страна на Јавното претпријатие за стопанисување со станбен и деловен простор,јави МИА.


Раководството на РФМ на состанок одлучува дали федерацијата ќе продолжи со работа во истите простории во населбата Аеродром.

– Единствена федерација призната под името „Ракометен сојуз на Македонија“ ја селат поради неплаќање кирија. Федерацијата 61 година не плаќа кирија, како и ниту една друга федерација, ниту спортски сојуз. Во друга земја ова прашање е регулирано преку закупнина, изјави генералниот секретар на РФМ Маријан Начевски.

Тој додаде дека како репрезентација треба да користат државни простории.

– За нас е незамисливо да плаќаме кирија, ниту пак знаеме на кој треба да плаќаме. Нам државата треба да ни плаќа, затоа што како ракометна федерација го носиме името Македонија, додаде Начевски, кој денеска поднесе оставка од функцијата.

OHRIDNEWS