На прес конференцијата се појавија само Лазаров и селекторот Шундовски без присуство на потпарол, кој ќе ја води средбата со новинарите и без официјално лице од РФМ.
– Националниот дрес на Македонија го носам скоро 17 години и досега не ми се случило на прес конференција пред натпревар да нема ниту еден претставник на РФМ. Нема проблем јас и селекторот Шундовски ќе ја отвориме средбата и ќе ја водиме прес конференцијата. Тешко дека со ваков однос на челните луѓе македонската ракометна репрезентација ќе достигне некои врвни успеси. Еве јавно ќе истакнам дека капитен сум на 20 незадоволни ракометари – посочи капитенот на селекцијата Кирил Лазаров.
На ваквите изјави на Лазаров претходела средба со раководните луѓе на РФМ. Во која двајца ракометари заминале разочарани а еден ги напуштил со солзи во очите.
– Имавме состанок со челниците на РФМ. Двајца ракометари беа незадоволни, а еден си замина со солзи во очите. Не сакам да откривам сега што се случило, тоа ќе го изнесеме преку писмено соопштение. За да имаме успешен ракомет во Македонија на прес конференцијата требаше да присуствуваат претседателот и генералниот секретар на РФМ. Голем дел од ракометарите играат во врвни клубови и знаат дека ваквиот однос од федарацијата кон нас не води никаде – истакна Лазаров.
Квалификациите за ЕП во Данска, Македонија ги започнува в среда против селекцијата на Швајцарија.