Охридскиот ракометен клуб оствари позитивен биланс на контролните натпревари со црногорскиот шампион Ловќен, победувајќи во првиот меч со 25-22 и ремизирајќи 26-26 во втората пресметката.

Од двете тест средби од охридскиот состав може да се извлечат само позитивни работи. За издвојување е играта на екипата во двата правци во вториот натпревар, вклучувајќи ги младите ракометари (Славчо Шулески, Владимир Наумоски, Михаил Иваноски и голманот Кристијан Ковачески), кои повеќе од добро одговорија на предизвикот. Во првиот меч кој охриѓани го добија со 25-22, своја голема улога имаа голманите (Никола Даниловски и Јагош Брауновиќ), кои прераснуваат во заштитен знак на Охрид и играчите од клупата, кои го „скршија“ натпреварот.

Охриѓани под палката на Раде Стојановиќ полека ги местат коцките за плејофот во Супер лигата, кој ќе биде најквалитетен до сега. До официјалниот почеток има уште три недели, сосема доволно време да се искристализира формата и играта, која на дуелите со Ловчен беше охрабрувачка.

Ракометните клубови Охрид и Ловќен од Цетиње со играњето на контролните средби ја продлабочија соработката, која започна пред неколку години. „Гладијаторите“ во подготовките за ланската сезона беа гости во Цетиње, а црногорците пак, гости во Охрид беа изминативе денови.

Имаме големи планови со Ловќен како клуб и Цетиње како град. Почнавме да градиме добар однос кој во следниве години се повеќе ќе расте. Нам ни се допаѓа нивниот проект, нив нашиот, што значи дека сме на иста бранова должина и соработката е неизбежна. –изјавија од охридскиот клуб.

Втората полусезона во македонската ракометна елита официјален почеток ќе има со дуелите од 1/8 финалето во Купот на Македонија, а плејофот стартува на 7 март.

Мх.П.

 

Возбудливо реми, „гладијаторите“ не дозволија гостинска радост во „Билјанини Извори“

Охрид му го зеде скалпот на шампионот на Црна Гора