Резулатите на починатиот маж од Битола и починатата родилка од Охрид се негативни на Ковид – 19, информираше попладнево Министерството за здравство.

37-годишна родилка од Охрид, вчеравечер почина на Гинеколошко акушерската клиника во Скопје. Како што информира министерот за здравство Венко Филипче, таа била донесена на скопската клиника вчера во попладневните часови со возило на Итна помош, со висока телесна температура од 39 степени.

По приемот на пациентката бил констатиран мртов плод. Направени се целосни анализи, земен е брис за коронавирус, плодот е изваден, а од стомакот е отстранета и голема количина на гној што може да е и причина за покачената телесна температура. За време на интервенцијата се влошила состојбата, направен е обид за реанимација, но во 22 часот е констатирана смрт, изјави министерот.

Министерот потенцира дека станува збор за комплексен случај за пациентка која имала прекумерна телесна тежина, висок крвен притисок, тахикардија, фактори кои се ризични за бременоста. Тој најави целосна истрага за случајот на што веќе работи Државниот здравствен и санитарен инспекторат, а ќе се истражува и однесувањето на Итната медицинска помош.

Во меѓувреме, на социјалните мрежи соседи и блиски на починатата, изразиja негодување за односот на здравствените работници кон сега починатата, истакнувајќи дека, според нив, навреме не биле преземени соодветни мерки и покрај тоа што пациентката изминатите денови наводно се јавила на лекар и се пожалила на болки.

Од охридската општа болница, пак, во изјава за медиумите, информираа дека во случајот се преземени сите потребни мерки и постапено е според задравствените протоколи предвидени во вакви ситуации.

OhridNews

Се чекаат резултати од анализи и обдукција за да се утврди причината за смртта на 37-годишната родилка од Охрид