Во сите средни училишта во Македонија се објавени првичните резултати од екстерните предмети на државната матура кои матурантите ги полагаа пред еден месец. Ако ги положиле нив, двата интерни предмета и проектната задача, тие ќе може да конкурираат на факултетите во августовскиот уписен рок.

Учениците кои се незадоволни од  резултатите, денес и утре можат да поднесат приговори до училишните матурски комисии кои  ќе ги испратат до Државниот испитен центар, а тој за една седмица ќе треба да одговори. Цената за приговор оваа година е 1.000 денари, помалку за 400 денари од лани. Конечните резултати од државната матура 2010 во јунскиот испитен рок ќе бидат објавени на 23 јули во училиштата и на веб-страницата www.matura.gov.mk, а од 25 јули ќе почне пријавувањето за полагање државна матура во август.


Матурантите кои не положиле во јуни или кои од оправдани причини го пропуштиле тестирањето или оние кои во јуни не ги стигнале термините поради поправен испит, може да полагаат во августовскиот рок ако се однапред пријавени за државна матура. Екстерните испити во следниот рок ќе се полагаат на 14-ти и на 16 август.

Министерот за образование, Тодоров, препорача за државна матура во август да се пријават само кандидатите кои ќе бидат подготвени или да се пријават за училишна матура и завршен испит, зашто ќе треба да чекаат до наредниот јуни за да добијат сертификат за завршено средно образование. Дополнително олеснување има за учениците кои положиле мајчин јазик, еден интерен предмет и проектна задача и тие може директно да добијат диплома за положена училишна матура или завршен испит.

Ohridnews
извор: МИА