Македонските парламентарни партии се изјаснија дека ќе ја прифатат Предлог-резолуцијата на ВМРО-ДПМНЕ што ги дефинира државните позиции за евроинтеграциите, но и позициите по однос на било какви негирања на македонскиот јазичен, културен или национален идентитет. ВМРО-ДПМНE бара Резолуцијата да биде со уставното име, пренесува „Миа“.

Резолуцијата на ВМРО-ДПМНЕ за евроинтеграцискиот пат на државата

Пратеници на ВМРО-ДПМНЕ вчера имаа средби со дел од своите колеги во Парламентот, а во изјава за медиумите своја поддршка за предлог документот даде и пратеникот и портпарол на СДСМ Коста Костадинов. Предлог резолуцијата ја поддржаа и пратениците од ДОМ, ЛДП и Демократскиот сојуз.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски го поздрави чекорот на СДСМ и наведе дека резолуцијата ги содржи „националните црвени линии од кои ниту една Влада не смее да отстапи“.

ВМРО-ДПМНЕ продолжува да ги обединува сите општествени и политички фактори и да биде носечкиот столб за заштита на националното ткиво и стратешки цели на Македонија. Покажуваме дека обединети сме посилни, посочи Мицкоски.

Тој им се заблагодари на МАНУ, УКИМ и МПЦ-ОА за својот придонес со создавање на текстот на оваа резолуција, како и на сите политички партии, и од опозицијата и од владејачкото мнозинство кои беа спремни да ја поддржат или беа подготвени за разговор.

Пратеникот и портпарол на СДСМ, Коста Костадинов изјави дека тие ќе ја прифатат резолуцијата на ВМРО-ДПМНЕ таква каква што, но дека се уште официјално не ја виделе, бидејќи не е доставена до Собранието.

Позициите на СДСМ во однос на македонскиот јазик и идентитет се кристално јасни и многупати досега потврдувани и кажани во јавноста. Македонските идентитетски линии им се јасни на сите и на нашиот народ и на целата меѓународна јавност. Доколку Христијан Мицковски и ВМРО ДПМНЕ не се сигурни во тоа, ако им треба потврда и во Парламентот, ние како конструктивно парламентарно мнозинство без никаков проблем може да направиме и таков чекор и ќе ја прифатиме резолуцијата таква каква што е, каква што всушност ја видовме од медиумите, затоа што официјален предлог до нас како пратеници нема, изјави Костадинов на прес-конференција одговарајќи на новинарско прашање.

ВМРО – ДПМНЕ, согласно Уставот, додаде тој, треба официјално до секој пратеник да ја испрати резолуцијата.

Избиваат на површина буквално сите лаги што ги пласираа ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски во однос на национално предавство, во однос на загрозувањето на нашиот македонски јазик и идентитет. Со тоа уште еднаш испраќаме силна порака дека апсолутно македонскиот идентитет и јазик се затворена тема и треба да им биде јасно на сите. Со сигурност нема да дозволиме македонскиот идентитет да се користи за партиски препукувања и како одговорни политичари имаме обврска да го направиме, рече Костадинов.

Македонскиот идентитет, потенцираше тој, е светост која е повисока и поважна од рејтингот на Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ.

Пратениците од ДОМ и ЛДП ќе ја прифатат резолуцијата предложена од ВМРО-ДПМНЕ, но потенцираа дека треба да се усогласи со уставното име на државата.

OhridNews