Во соопштението за јавност се наведува дека минималната висина на средствата кои ќе се одвојуваат во овој фонд ќе биде пропишана со правилник во зависност од бројот на посебните делови на зградата, староста на материјалот од кои е изградена зградата. Согласно правилникот, висината на средствата кои ќе бидат издвојувани од тој резервен фонд нема да го надминат износот од 0,5 до 1 денар по метар квадратен од станбената површина која е во сопственост на граѓаните, што значи дека за просечен стан од 50 м2 месечната контрибуција во овој фонд би изнесувала од 25 до 50 денари.
Средствата од резервниот фонд ќе се користат за одржување на зградата и за потребното подобрување предвидени во планот за одржување и за нужни работи на одржувањето. Ова значи дека на располагање на заедницата на сопственици во секој момент би имало определена сума на средства која би била користена за инцидентни помали хаварии кои доколку на бидат итно санирани би предизвикале многу поголеми штети во објектите како што се поплава, пожари и слично, што не е редок случај во станбените објекти а се предизвикани поради ненавремени интервенции при редовното одржување на зградата. Со средствата од овој фонд може да располага управител доколку е ангажиран од сопствениците на становите или пак заедницата на сопствениците на станови. Просечна зграда од 20 станови со просечна квадратура од 50м2, месечно во овој резервен фонд би се собирале од 500 до 1000 денари, кои кумулативно за една година обезбедуваат доволно средства за решавање на инцидентните штети како превентивна мерка.
Граѓаните и до сега одвојуваа средства за заеднички потреби за тековно и инвестиционо одржување на зградата, но со новиот закон се предвидува сопствениците поорганизирано, плански и наменски да ги користат истите. Од таму може да се заклучи дека овој фонд не претставува јавна давачка туку само една мерка за подобрување во одржувањето на колективните станови и згради, информираат од Министерството за транспорт и врски.