Иновациите го движат човештвото и го менуваат светот. Охриѓанецот Виктор Груев доктор на науки и професор на Универзитетот „Вашингтон“ – Сент Луис, Мисури, САД, е изумител на специјални очила со кои хирурзите за време на операција можат да ги видат клетките на туморот. Пронајдокот претставува вистинска мала револуција во светската медицина, бидејќи овозможува прецизно отстранување само на заболените клетки и запазување на здравото ткиво.
Проф. Д-р Виктор Груев
Своето откритие Груев го презентираше пред преполниот амфитеатар на Универзитет „Св. Апостол Павле“ во Охрид, каде одржа предавање на тема:„Инспирација од природата за сензори (применливи) во хирургијата“.
-Идејата почна пред две години. Работев на проект со биолози каде што ги студиравме очите на различни видови на животни. Така дојдовме до сознание дека многу животни гледаат многу поразлично од нас, гледаат многу повеќе бои и имаат многу подруги сетила, а сето тоа го применивме во создавање очила со сензори чиј дизајн е заснован врз визуелни системи на животни и нивната примена во неврологијата и онкологијата. Првиот сензор е дизајниран врз основа на визуелниот систем на раковите Мантис, а вториот се заснова врз визуелниот систем на пеперутките Монарх.- објасни проф. Д-р Виктор Груев.
Видот на морското ракче и на пеперутката се разликува од човечкиот кој распознава три основни бои. За разлика од него, видот на овие живи суштества е многу покомплексен. Тие имаат сложени очи со нано келии и исклучитено чувствителни сензори за вид кои распознаваат шеснаесет различни спектри на бои, од сина до инфрацрвена, односно гледаат неколку милиони бои повеќе од нас, рече Груев.
-Ме заинтересира како функционира тој визуелен систем, затоа што во други сфери како што е медицината да имаш камера со која можат да се видат други бои или дополнителни информации од светлината се клучни за дијагноза. Така почнавме со проектот како да се направи камера која на еден начин ќе изврши симулација на визуелниот систем на овие животни. Притоа размислував како да го примениме тоа во самата медицина. Соработував со хирурзи од различни области и осознавав за проблемите со кои се соочуваат. Еден од најголемите проблеми при операција на карцином е отстранувањето на сите заболени клетки без отстранување на здраво ткиво. Оваа техногија која е многу чувствителна треба да овозможи да се пронајдат клетките на канцерот и прецизно да се отстранат, без да се загрозат виталните органи и нервите.-истакна Груев.
Очилата на проф. Д-р Груев претставуваат спој на „технологијата“ за вид на пеперутките и очила за видео игри кои се исклучително популарни денес во светот кои се користат за играње на плеј-стејшн и слично. Сензорите на очилата на кои работи охриѓанецот Груев можат да извршат детекција на различни видови бои, како и на поларизација на светлината.
-Спојот го направивме на мошне елегантен начин. Хирургот доволно е само да ги стави овие очила и да влезе во операционата сала, не зафаќаат многу место, а ефектот од нивното користење е голем.-додаде Груев.
Целиот проект се’ уште е во развој, а интерес за него пројавуваат многу фондации од областа на медицината во САД и Европа, но и Кина и други држави. Истиот треба да ги мине потребните процедури и ригорозни контроли на специјалните здравствени комисии.
–Во исто време продолжуваме да ја развиваме оваа технологија, како и со напорите таа да се донесе и во земјите надвор од Америка, во Јужна Америка, Кина, Индија, а еден ден се надевам и во Македонија.-рече Груев.
Двајца светски познати научници од Охрид: Петар Поповски и Виктор Груев
Вредноста на овој амбициозен проект не е прецизирана, а Груев се надева дека еден ден специјализираните очила за прецизно отстранување на клетките на рак кај човекот ќе бидат достапни и во неразвиените држави по симболична цена.
Проф. д-р Гуев вели дека останува фокусиран на развојот на сензори кои би се применувале во медицината, бидејќи, како што рече, тоа многу го привлекува.
-Самата помисла дека помагаш на здравството на човештвото е нешто што ме мотивира секој ден.– истакна Груев.
Горан Момироски