Научниците од Универзитетот Стенфорд произвеле Т- ќелии отпорни на ХИВ, коишто би можеле да спречат овој вирус да развие сида, односно последен стадиум на инфекцијата, доколку се покаже успешен и кај луѓето, пренесува „Макфакс“.

Научниците, кои откритието го објавија во најновото издание на магазинот „Молекулат терапи“, се надеваат дека тоа би можело да ја замени доживотната терапија и да го заштити имунолошкиот систем на заразените лица.

Т-ќелиите се подгрупа леукоцити кои имаат важна улога во воспоставувањето и јакнењето на капацитетот на имунолошкиот систем.

Како што се наведува во студијата, научниците во експериментот користеле некоја вид молекуларна ножица, која функционира на принцип на компјутерската команда cut и paste. Научниците во Т-ќелиите вметнале цела низа на гени отпорни на ХИВ.

Со дезактивирање на генот на рецепторите и вметнувањето на дополнителни анти ХИВ гени, вирусот е спречен да продре во ќелиите и на тој начин не е можно да го уништи имунолошкиот систем.

ХИВ делува така што продира во Т-ќелиите и на крајот ги уништува, што доведува до крах на имунитетот. Научниците истакнуваат дека оваа терапија не е лек за ХИВ, туку пациентите да станат имуни на вирусот.

„Кога лицето ќе се зарази со ХИВ, тоа станува подложно на сите можни инфекции и видови на рак, и тоа е она што на крајот ги убива, а не самиот вирус“, објаснува доктор Метју Портеус, раководител на истражувањето.

OhridNews
извор:„Макфакс“