Државата има инструменти да ја одблокира жиро сметката на општина Охрид, посочува Државниот завод за ревизија во конечниот извештај за работењето на Единицата на локалната самоуправа. Во извештаjот до кој дојде Ohridnews, се посочува дека долговите поради кои сметката на општина Охрид  е блокирана веќе седум години се однесуваат на преземени обврски на локалната самопуправа за изградба на колекторот и спортската сала кои според законот се во надлежност на државата.

Најголем доверител на општината е градежната компанија „Гранит“, која почнувајќи од 1994 година од државата добила аванс од над 63 милиони денариза за изградба на пругата Куманово – Крива Паланка – граница со Република Бугарија, која не е завршена, се наведува во извештајот.

„Според добиените податоци од ЈП „Железничка инфраструктура Македонски железици“ наведениот правен субјект има неоправдани аванси, односно неизвшени работи во вкупен износ од 63 500 000 денари. Имајќи во предвид дека Владата има донесено План за поделба на капиталот, средставта, правата, обврските и вработените на ЈП „Македонски железници“, Законот за трансформација на „Македонски железници“, Законот за железници и Законот за трговски друштва, со кој е извршена поделбата на постоечкото јавно претпријатие на две нови, извршена е поделба покрај останатото и на побарувањата. При оваа поделба не се водело сметка за меѓусебните побарувања и обврски помеѓу Република Македонија и правните субјекти, а во случајот на меѓусебните односи со „Гранит“ АД Скопје“, стои во ревизорскиот извештај.

Државниот ревизор понатаму му препорачува на Министерството за финансии, согласно надлежноста утврдена со Законот за финансирање на локалната самоуправа да преземе мерки и активности за надминување на финансиската нестабилност на општина Охрид, особено во услови кога таа е наметната од правни субјекти кои имаат неизмирени обврски кон надлежните органи.

Во извештајот се укажува и дека и покрај тешката финансиска состојба општината Охрид на барање на државата извршила повеќе работи за подготовките на НАТО форумот за што од својот буџет потрошила над 12 милиони денари кои сеуште не и биле рефундирани. Ревизијата посочува дека општина Охрид како главен туристички центар во кој се случуваат значајнуи државни настани ,троши големи средства за нивна организација кои тешко се рефундираат, поради што е потребно да се донесе Закон за Охрид за да се избегнат дополнителни финансиски оптоварувања и недоразбирања помеѓу локалната и централната власт.

Во извештајот  се посочуваат и одредени пропусти во финансиското работење на општината, особено во делот на јавните набавки во периодот до 24 август 2007 година, кога се конституира нова Комисија за јавни набавки со нов претседател. Забелешки има и на користењето и начинот на одржување на  службените автомобили, а одредени недоследности биле констатирани и во сметководствената евиденција, како и во прикажување на билансот на буџетот. Ревизорот смета дека поради наведените пропусти финансиските извешатаи не ја прикажуваат објактивно финансиската состојба на општина Охрид, кај која, Ревизорот констатирал законско и наменско користење на средствата во финансиските трансакции кои претставуваат државни расходи.

Ohridnews