Епидемиолошката слика во државата релативно стабилна. Бројот на новозаразени од направени тестирања веќе неколку недели се движи околу 13 проценти во просек дневно. Паралелно се одвива и вакцинацијата. Досега се ревакцинирани 44 проценти од полнолетните граѓани во државата, информираше вчера Министерството за здравство. Според последните податоци на Институтот за јавно здравје , 63,9% од населението во Охрид е вакцинирано со прва доза вакцина.
Во текот на завчерашниот ден биле аплицирани вкупно 5.246 дози вакцини, од кои 1.253 аплицирани како прва доза, 3.897 ревакцинирани, а 96 граѓани примиле трета доза вакцина.
Заклучно со завчера вкупно се вакцинирани 791 141 граѓанин, ревакцинирани се 737 979, а трета доза примиле 425 граѓани, соопшти Министерството за здравство.
Педесет и три отсто од граѓаните над 40 -годишна возраст, како што се посочува, се ревакцинирани, а 32 отсто од популацијата од 18 до 39 години примиле една доза вакцина.
Опфатот со вакцинација со една доза вакцина, на полнолетната популација е 47 отсто, а со две дози опфатени се 44 отсто од граѓаните над 18 години. Според бројот на аплицирани вакцини, 38 отсто од целата популација во земјава е вакцинирана, а 35 отсто од вкупното население е вакцинирано со две дози вакцини, информираат од Министерството за здравство.
Што се однесува до бројот на активни случаи според епидемиолошките анализи најмногу активни случаи на Ковид-19 има во Скопје 5.265. Во Охрид активни моментално се 343, од почетокот на пандемијата во градов имало 5986 случаи на Ковид-19 од кои 5385 се оздравени, 258 починале.
OhridNews