Со тешка градежна механизација се урива некогашната дискотека и ресторан „Парк“, дел од комплексот кој повеќе не постои на просторот на Горица 1. Се работи за приватен имот, чиј сопсственик ги обезбедил потребните дозволи. Тука, според најавите, ќе се гради хотел на три ката и потпокрив на 50 метри до езерото.

Видеото од уривањето на дискотеката и ресторанот „Парк“, изградени според наградуваниот проект на познатиот охридски архитект Павел Балабан, предизвика лавина реакции на социјалните мрежи, а најгласни беа екологистите, кои сметаат дека е направена непоправлива штета.

Уништија автентично архитектонско дело на ХХ век. Направете само споредба, колку време требаше да се погреба уметничка творба наспроти „справувањето“ со нелегалните градби кое за скоро две години резултираше во една бекатонска плажа помалку и платформи без штици.  – стои во реакцијата на неформалното еколошко движење Охрид SOS.

Екологистите деновиве поднесоа иницијатива за вонреден инспекциски надзор и побараа запирање на сите активности во Парк. Тие ги прозваа институциите, по што следеше реакција на министерката за култура Стефоска, која побара одземање на ингеренциите на општините Охрид и Струга поради негрижа за светското културно и природно наследство.

Очигледно дека општините Охрид и Струга немаат волја за заштита на светското природно и културно наследство впишано во УНЕСКО. Оттаму, ќе иницирам пред Владата да се разгледа можноста за одземање на ингеренциите на овие општини. – најави министерката за култура и претседателка на Националната комисија на УНЕСКО, Ирена Стефоска.

Градоначалникот на Охрид, Константин Георгиески, вели дека е изненаден од изјавата на министерката за култура за одземање на ингеренциите на општина Охрид. Тој смета дека таква законска можност каква што таа кажува воопшто не постои. Додава оти според законот, централанта власт на локалната власт може условно да и ги одземе ингеренциите само за одреден предмет или за конкретен случај, а не целосно.

Тоа може да го направи само во случај ако локалниот инспекторат не постапува па надлежноста ја презема државниот. Досега по сите предмети согласно нашите ингеренции сме постапувале и немало барање односно потреба за интервенција на државниот инспекторат. Второ, од денот кога е донесен планот за управување, Општина Охрид во целост го почитува и спроведува, нема ниеден случај во кој сме постапиле спротивно на планот. – напиша на официјалниот профил на Фејсбук градоначалникот Георгиески.

Ако министерката вистински сака да помогне во делот на отстранување на објектите, треба да помогне да се обезбедат 60 милиони денари финансии кои повеќе пати ги бараме, додаде Георгиески.

За да можеме да ги имплементираме сите препораки за рушење на се она што е законски издржано и маркирано како значителен штетен импакт кон езерото статусот и животната средина, потребни се овие финансии кои општината ги нема. Се што досега беше во рамки на можностите на општината направивме и покажавме храброст и решителност и отстранивме сериозен дел од објектите. За крај, ако министерската алудира на тоа дека општината недоволно се ангажира за заштита на културното и природното наследство, јас одговорно тврдам дека за две и пол години колку што јас сум градоначалник се направени повеќе активности во насока на заштита отколку за последните 20 години. За крај, верувам дека министерката, исто како и сите ние, сака да го заштити регионот. Сепак, како член на владата споделува одговорност за тоа па затоа сметам дека би било далеку поконструктивно да се вклучи активно во надминување на проблемите. Верувам дека е добро заеднички да работиме за надминување на состојбите за што желба кај сите нас постои. – вели Георгиески.

Целокупната постапка околу поранешниот ресторан и дискотека „Парк“, каде е предвидена изградба на хотел,  почнала во 2009 година, а завршила во 2018 и според локалната самоуправа, истата се одвивала согласно законите.

Охрид од 2017 година интензивно е под лупа на УНЕСКО поради несоодветно управување и негрижа за заштитеното културно и природно богатсво. Поради значителни пропусти во оваа сфера изминатите три децении, а пред се поради несоодветната и прекумерна урбанизација на крајбрежјето и заштитените зони, Охрид е на праг да го изгуби статусот во УНЕСКО, односно да биде ставен на листа на заштитени подрачја во опасност.

Г.М.