Во еден њујоршки ресторан мислат дека во тишина би можело да биде многу повкусно, па забраниле секаков разговор на масите. Однадвор изгледа како и секој друг ресторан во њујоршкиот кварт Гринпоинт, но кога ќе влезете во ресторанот “Eat”, забележувате нешто необично, потполна тишина. Менаџерот на ресторанот, Николас Нојман, рекол дека организираат тивки вечери затоа што сакаат да им понудат на гостите да ја испробаат храната со исклучително внимание, и да обрнат внимание на тоа искуство, што најчесто не можат при вообичаената бука за време на јадењето, посебно во Њујорк. Специјалитет на овој ресторан е органската вегетаријанска храна. Главната готвачка Елза Шмит вели дека заедно со остатокот од персоналот ја вложуваат целата своја енергија за потполното внимание да биде кон храната.
Цел час во ресторанот не се слушнал ниту збор, повремено се слушала некоја насмевка, но сите комуницирале со очите, а не со зборови. Вечерата завршувала кога гостите ќе го изедат десерот и тогап слободно можеле да зборуваат. Гостите велат дека уживале. Еден од нив кој дошол со своја пријателка рекол дека додека јадете имате внатрешен дијалог во мислите, во одреден момент ви доаѓа да се смеете, но на крајот навистина постигнувате опуштена, зен фаза. Девојката која вечерала со момчето забележала дека е навистина многу убаво да минувате време заедно без да чувствувате притисок што треба да кажете. Новиот ресторан засега бил многу популарен, па затоа треба да се резервира неколку дена однапред. Тоа можеби и не е изненадување во градот во кој, според истражувањата, втората најчеста работа на која луѓето се жалат во рестораните е вревата.