Охридњуз објавува серијал текстови во кои ќе ги претстави успешните охридски приказни во годината што измина, кои се позитивен пример и мотив за заедницата.
Култниот ресторан „Св. Софија“ на охридското семејство Пендовски, триесет и пет години испишува успешна угостителска приказна. Лоциран во срцето на Стариот град, непосредно до древната црква „Св. Софија“ ресторанот на Митко Пендо (Димитри Пендовски) три и пол децении е омилено место на генерации охриѓани и намерници од сите страни на земјава и светот.
Иако идејата да отворат семеен ресторан датира од порано, семејството Пендовски ја реализира во 1988 година, кога тогашниот систем овозможи и таков вид бизнис. И така започна приказната на „Св. Софијa“, на почеток со триесеттина места, па низ годините се менуваше и прошируваше, за денес да е тоа што е, ресторан со исклучитено реноме и додадена вредност на охридскиот туризам.
Низ годините во ресторанот „Св. Софија“ поминале многу гости, меѓу кои и многу познати и славни личности, премиери, претседатели, министри, странски државници, претставници на дипломатскиот кор, но и познати музичари, актери и други јавни личности.
Со „Св. Софија“ поврзани се многу настани и приказни кои со задоволство се раскажуваат и прераскажуваат. Но, една е посебна. Тука е возобновена традицијата за масовното чествување на празникот над празиците во Охрид, Богојавление – Водици на почетокот на деведесеттите години од минатиот век. Празникот се слави во цел Охрид и пошироко, но на едно место е посебен, во „Св. Софија“, на изворот на оваа убава традиција, каде секоја година по осветувањето на езерските води свратува фаќачот на крстот со неговата тајфа.
Триесет и пет години се бројка за секој бизнис, особено за угостителство, што само го потврдува успехот на ресторанот „Св. Софија“, автентична охридска приказна која трае.
„Признанието за трајни вредности“ OhridNews годинава му го додели на култниот ресторан „Св. Софија“.
Успешната угостителска приказна е поместена во 10-то издание на Годишната ревија на настани за 2023 година.
OhridNews