Република Северна Македонија без да се разговара за именувањето на идентитетот, јазикот и културата би можело да биде решение на дведеценискиот спор со Грција, вели висок политички советник во германскиот Бундестаг, близок до партијата на канцеларот Ангела Меркел.

Според него, неприфатливо би било, како последица на евентуалното решение, јазикот, идентитетот и културата на земјата да се именуваат како северно-македонски. Затоа, како што вели советникот кој инсистираше на анонимност, треба да се бара решение единствено за името на државата. Во спротивност, според него, можно е поради блокадата на европската интеграција да дојде до зајакнување на негативните сили и назадување на државата.

„Колку подолго спорот ќе трае, толку потешко ќе биде да се одржи развојот на земјата“, коментира политичкиот советник.

За него, неполитички е ставот на Европската унија за немешање во спорот. Иако смета дека со директното мешање Брисел би можел да биде пристрасен поради фактот што Грција е членка на унијата, а Македонија не, сепак советува вклучувањето во спорот да биде на неформално ниво, како поддршка на процесот под покровителство на Обединетите Нации. Во пракса, според него, тоа би значело група земји-пријатели на Македонија и Грција од Европската унија интензивно да лобираат се до изнаоѓањето на взаемно прифатливо решение.

Во меѓувреме, како што вели советникот, Македонија треба да работи на прилагодувањето на националното со европското законодавство, со цел непречено одвивање на пристапните преговори во оној момент кога тие ќе започнат.

OhridNews
извор: „Макфакс“