Бројот на уапсени новинари во светот се зголеми во текот на 2016 година, особено во Турција каде повеќе од 100 новинари и претставници на медиумите во моментот се наоѓаат во затвор, соопшти меѓународната невладина организација за заштита на новинари Репортери без граници (Reporters san frontieres).

„Вкупно 348 новинари, вклучувајќи ги и хонорарните новинари и блогерите, се наоѓаат во затвор во светот, што е зголемување за шест отсто во однос на 2015 година. Бројот на уапсени професионални новинари зголемен е за 22 отсто, а четири пати поголем е бројот во Турција по неуспешниот воен удар“, се наведува во годишниот извештај на Репортери без граници.

Бројот на уапсени жени, претставнички на медиумите, е за четири пати поголем оваа година, 21 новинарки се уапсени во 2016 година, додека во 2015 година беа пет.
„Во Турција во затвор се наоѓаат неколку десетици новинари. Властите на претседателот Реџеп Таип Ердоган, за една година го уништија плурализмот во медиумите додека Европската унија не реагира“, оцени генералниот секретар на организацијата Кристоф Делоар.

Во Турција, Кина, Иран и Египет, се наоѓаат повеќе од две третини уапсени новинари во светот, се наведува во извештајот на RSF, кој сугерира на именување генерален секретар за безбедност на новинарите кој би бил директно поврзан со генералниот секретар на Обединетоите нации. Во извештајот на друга организација, Комитет за заштита на новинари, се спомнува број од 259 уапсени новинари во светот, од кои 81 во Турција.

Тој број е помал од бројот на RSF затоа што се наведува само бројот на новинари кои се уапсени од властите, а RSF го наведува бројот на новинари кои ги приведуваат и групи кои не се во рамки на државни органи.